„Тиквеш“ ги претстави своите модерни практики пред учесниците на регионалната Винска летна школа
Модерните агротехнички и вински практики и иновативни модели во лозарството, како и мерки за намалување на влијанието на климатските промени, беа во фокусот на стручното предавање што го организираше Винарската визба „Тиквеш“ во М6 Едукативниот центар.
Ова стручно предавање е дел од Винската летна школа која се одржува во рамки на Регионалната меѓувладина иницијатива за рурална соработка (The Regional Rural Development Standing Working Group in South Eastern Europe – SWG), а се организира со поддршка на ИАК Консалтинг и Универзитетот Газенхајм од Германија. На Винската летна школа учествуваат студенти по лозарство, претприемачи во винската индустрија, владини експерти и професионалци од областа на производството и маркетингот на вино и винскиот туризам од земјава, но и од Албанија, Молдавија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Република Српска и Косово.
За најновите современи практики во управувањето со лозовите насади, вклучувајќи ги и агро-техничките мерки за справување со климатските промени и најсовремените методи за заштита и контрола зборуваше Александра Ристова, раководител на одделот за управување со лозови насади во ВВ „Тиквеш“, споделувајќи ги искуствата на винарницата за воведување на најновите техники за прецизно лозарство и користење на модерни дигитални алатки базирани на вештачка интелигенција, кои значајно влијаат на подигнување на квалитетот на целокупниот процес на создавање врвно вино. Таа посочи дека примената на напредни дигитални решенија е резултат на дологодишната визија за најсовремено менаџирање на лозовите насади која се имплементира со поддршка на водечкиот промотор на иновации во лозарството Џовани Бигот.
Енологот Никола Кузмановски на предавањето ги претстави напредните технологии за производство на вино, сегмент во кој ВВ „Тиквеш“ реализираше сериозни инвестиции во нова технологија, а зборуваше и за првото органско вино кое компанијата го произведе на лозовите насади во Лепово.
Во рамките на стручното предавање се обрати и Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“ кој испрати порака до младите учесници дека доколку сакаат да успеат треба да се стремат кон извонредност и да работат со страст. Тој истакна дека е важно да поседуваме визија и постојано да се стремиме да воведуваме промени и да имплементираме нови иновативни решенија, посочувајќи дека „Тиквеш“ ќе продолжи да го споделува своето искуство и знаење за да помогне во зајакнување на перформансите на регионалната винска индустрија.
На стручното предавање, учесниците имаа можност да се информираат и за процесот на воведување ЕСГ стандарди во ВВ „Тиквеш“, како и за чекорите што ги презема винарницата за целосна трансформација во зелена винарница, прва во регионот.
Покрај стручното предавање, присутните беа во посета и на лозовите насади во Лепово, а ја посетија и ВВ „Тиквеш“ во Кавадарци. Во рамките на Винската летна школа, учесниците ќе се здобијат со знаења од областа на лозарството и винарството, базирани на најновите сознанија, техники и иновации. Предавањата се организирани во два модули: Меѓународен вински маркетинг и промоција на винскиот туризам и Климатски промени во лозарството и енологијата.
Винската летна школа се одржува од 14 до 18 мај 2024 година.