„Тиквеш“ со инвестиција од четири милиони евра за зголемување на капацитетот и квалитетот на приемот и преработката на грозјето
Винарската визба „Тиквеш“ инвестираше четири милиони евра во изградба на нов објект и набавка на современа опрема за прием и преработка на грозје, потврдувајќи ја со тоа својата долгорочна определба и стратегија за континуирани вложувања во натамошен одржлив развој и имплементација на ЕСГ стандардите. Со инвестицијата, „Тиквеш“ го зголеми вкупниот капацитет за прием и примарна преработка на грозје во време на берба за дополнителни 1,25 милиони килограми грозје за премиум вино.
Новата опрема овозможува висок степен на автоматизација и дигитализација на процесот, со што значително се зголемува ефикасноста и ефективноста при приемот и преработката на грозјето, а се остварува и заштеда на електрична енергија и се скратува времето на чекање на лозарите. Сето ова придонесува да се задржи квалитетот на грозјето, да се намали потрошувачката на енергенси во процесот на прием и преработка на грозје, како и да се намали емисијата на CO₂.