„Тиквеш“ во соработка со водечки светски експерти отвора ново поглавје во лозарството
Во согласност со нашата стратегија за имплементација на ЕСГ-стандардите до крајот на следната година и поставување на македонското вино на светската винска мапа, започнавме соработка со една од најреномираните светски консултантски компании во областа на лозарството – Перлеуве (Perleuve) од Италија. Оваа позната компанија е предводена од Џовани Бигот (Giovanni Bigot), водечки светски истражувач и промотор на иновации во лозарството, кој воедно е консултант на најдобрите винарници во Италија и во други земји.
Во рамки на оваа соработка што ќе се одвива во следните пет години, а е поддржана од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), експертскиот тим на Перлеуве, предводен од Бигот, ќе врши опсервации и ќе ги сподели со тимот на „Тиквеш“ најсовремените практики за производство на здраво, висококвалитетно грозје од кое се произведуваат врвни вина.
„Тиквеш“ веќе има воспоставено ефикасен систем за мониторинг на лозовите насади што обезбедува податоци за сите значајни параметри за квалитетот на грозјето. Сите овие податоци се обработуваат во софтверска апликација за мониторинг – „4Grapes”, која овозможува следење на состојбата на секој лозов насад во реално време што е од клучно значење за носењето навремени и правилни одлуки во лозарството.