„Тиквеш“ – најтрофејна винарница од Југоисточна Европа во светот
Вината на „Тиквеш“ секоја година освојуваат и до 100 награди и признанија на светски познати вински натпревари што се одржуваaт во Велика Британија, Франција, Германија, Кина… Скоро и да не постои вино од широкото портфолио на „Тиквеш“ без освоен медал или друго високо признание.
Некои од нив имаат посебна „тежина“. Такво признание е платинестиот медал за црвеното вино „Барово“, берба 2015, освоен на еден од најголемите и највлијателните светски вински натпревари – Decanter World Wine Awards 2018, што традиционално се одржува во Лондон, В. Британија.
На еден од најмасовните натпревари – International Wine Chalenge (IWC), кој исто така се одржува во Лондон и кој поради ригорозната методологија за оценување важи за еден од најпрестижните светски вински натпревари, врвното црвено вино „Vranec Special Selection“ освои златен медал и дополнителен „Трофеј меѓу македонските црвени вина“, со што се најде во исклучително малата група од само 1% од сите пријавени вина на натпреварот кои добиваат вакво признание. Значењето на оваа награда е дотолку поголемо и поради фактот што му е доделена на вино произведено од локална сорта.
Квалитетот и автентичноста на вината на „Тиквеш“ се препознаени и вреднувани и од страна на најреномирани светски вински критичари, како Роберт Паркер и неговиот тим „Wine Advocate“. „Тиквеш“ е единствената винарница од Југоисточна Европа која освоила високи 93, 94 и 95 од можни 100 поени од Роберт Паркер и неговиот експертски тим, за дури осум свои вина. Првата висока оценка од Паркер беше доделена уште во 2012-та година, кога црвеното вино „Бела вода“ беше оценето со високи 94 поени. Две години подоцна, Паркер и неговиот тим ја надминаа оваа оценка, доделувајќи му на ова премиум вино 95 поени.