Поддршка од „Тиквеш“ за иницијативата „Да заѕвониме за родова рамноправност“
ВВ „Тиквеш“ се приклучи кон глобалната иницијатива „Да заѕвониме за родова рамноправност“ (Ring the Bell for Gender Equality), чии предводник и промотор во нашата земја е Македонската берза. Основната цел на оваа иницијатива, која годинава се одвива под мотото „Инвестирајте во жените: Забрзајте го напредокот“, е да се подигне свеста за родово одговорно финансирање, преку подобрување на пристапот на жените до финансиските пазари и промовирање на нивно поголемо учество во органите на управување на компаниите.
За таа цел денеска, токму на Меѓународниот ден на жената, генералната директорка на Винарска Визба „Тиквеш“, Бранка Славеска, заедно со генералната директорка на „Макстил“, Марија Дуковска-Павловска, членката на управниот одбор на „Макпетрол“, Марија Јосифовска-Спасовска и главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, заеднички „заѕвонија за радова рамноправност“ со ѕвоното на Македонската берза.
„Родовата еднаквост е круцијална бидејќи овозможува правилно да се употреби продуктивниот потенцијал на целокупната работна сила и е предуслов за одржлив развој и поголем придонес во општеството. Со цел таа да се унапреди важно е да негуваме инклузивна средина. Ова вклучува пред сè промовирање на еднакви можности за сите во текот на образованиот процес, вработувањето и пристапот до лидерски позиции. Поттикнувањето на отворен дијалог како и активната борба против дискриминацијата и стереотипите се клучни и може со сигурност да придонесат кон унапредување квалитетот на живот на секој поединец’’, изјави генералната директорка на ВВ „Тиквеш“, Бранка Славеска.
Според податоците кои, почнувајќи од 2021 година наваму, токму на 8 март ги објавува Македонската берза, покажуваат тренд на благо подобрување на родовиот баланс во органите на управување на котираните компании на Берзата.
„Подигнување на прашањето за родова рамноправност во корпоративниот сектор на повисоко општествено ниво е повеќегодишна заложба на Македонска берза. Потребата од поголема инклузија на жените во управувањето и раководењето на компаниите треба да се прифати како неопходна аксиома за прогрес во деловното работење. Родовата рамноправност во сферата на претприемаштвото и менаџментот создава дополнителен креативен наплив во целокупните економски текови. Тоа е глобално препознаено во современите општества и во таа насока се дизајнираат и нормативните решенија во компаниското право и кодексите на корпоративно управување, вклучително и тој на нашата берза“, истакна главниот извршен директор на Берзата, Иван Штериев.
Ова е десетта кампања во рамки на иницијативата „Да заѕвониме за родова рамноправност“, поддржана од над 110 берзи во светот, што се спроведува во партнерство помеѓу Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Светската федерација на берзи (WFE), Иницијативата за одржливи берзи (SSE), Глобалниот договор на ОН, UN Women и Women in ETFs.