Нови атрактивни туристички содржини
Љубителите на врвни вина, одлична храна и алтернативен туризам отсега имаат нови можности за уникатни доживувања во капацитетите развиени во рамки на проектот за ено-гастрономски туризам во тиквешкиот регион.
Во рамки на новата современа туристичка понуда креирани се атрактивни содржини кои вклучуваат – камп со сместувачки капацитети во адаптирани вински буриња и нови велосипедски патеки на уникатната винска микро-локација Барово, понатаму атрактивно сместување на локацијата Лепово, како и мултифункционален вински бутик во Кавадарци, кој освен што нуди вино за продажба и дегустација, претставува и изложбен простор со инфо-центар, каде сите заинтересирани можат да добијат информации за туристичката понуда на тиквешкиот регион.
Овој проект го реализираше компанијата „Тиквеш вински туризам“, во соработка со, „Домен Лепово“ и „Барово”, а дел од средствата беа обезбедени преку Проектот за локална и регионална конкурентност на Владата и ЕУ, што се администрира преку Светска банка.