На првиот престижен светски вински натпревар годинава
Три златни медали, две специјални награди и сребро за вината на „Tikveš Châteaux&Domainеs“ на „Мундус Вини“ во Германија
Скопје, 16.03.2021 – На најголемиот и најпрестижен германски вински натпревар „Мундус Вини“, вината на „Tikveš Châteaux&Domainеs“ беа наградени со три златни медали, при што едно од нив освои и голем златен медал (Grand Gold).
На ова пролетно издание на „Мундус Вини“ наградени беа црвеното „Terrasse à l’Ombre“ од бербата 2018-та, кое освои голем златен медал (Grand Gold), признание кое се доделува само на најквалитетните вина, оценети со исклучително висок број на бодови. Истото вино беше прогласено и за најдобро вино од долината на реката Рона, познатиот француски вински регион. Златни медали освоија и црвеното „Barovo“ од бербата 2018-та, кое воедно беше прогласено и за најдобро вино од Македонија, како и белото „Barovo“ од бербата 2020-та, а „Lepovo Chardonnay“ од бербата 2019-та, освои сребрен медал.
Ова исклучително достигнување е постигнато во конкуренција со 7.300 вина, од вкупно 39 држави.
„Мундус Вини“ е еден од најпрестижните светски вински натпревари кој се одржува два пати годишно, во пролетна и летна сесија. Вината се оценуваат од меѓународно жири составено од врвни енолози, винари, стручни новинари и сомелиери. Оценувањето на вината се одвива „на слепо“, што значи дека жирито нема информации за карактеристиките или брендот на виното кое го дегустира.
Винарската визба „Тиквеш“ е најнаградуваната винарница во поширокиот регион. Во текот на 2020-та година вината на „Tikveš“ и „Tikveš Châteaux&Domaines“ освоија 130 награди и признанија на реномирани меѓународни вински натпревари.