Со своите ESG-практики, „Тиквеш“ меѓу водечките компании на Самитот ESG Adria
Под мотото „Делувај сега за одржлива иднина“, од 24 до 26 април 2024 година во Тиват, Црна Гора, се одржа Самитот ESG Adria. Голем број бизнис-лидери, претставници на јавниот сектор, на меѓународни организации, на граѓанскиот сектор и експерти за одржливост од регионот беа дел од овој настан со цел да изнајдат нови решенија, иницијативи и инвестиции што може да ја забрзаат транзицијата на регионот Адрија кон поодржлива иднина и ESG-агенда.
Овој самит е првиот регионален настан посветен на одржливиот развој и на воспоставување дијалог за поголема одговорност на бизнис-секторот кога станува збор за практична примена на стандарди за заштита на животната средина, општествено влијание и корпоративно управување (ESG). Токму затоа, „Тиквеш“ беше меѓу компаниите чие искуство од воведувањето и примената на ESG-стандардите беше претставено на самитот.
Генералната директорка на „Тиквеш“, Бранка Славеска, потенцираше дека одржливоста е долгорочна определба на „Тиквеш“, а не наметната обврска. Винската индустрија не е обврзана да ги следи јаглеродните емисии ниту според регулативата на Европската Унија, ниту според локалното законодавство. Исто така, во нашата земја не постојат финансиски бенефиции за компаниите што применуваат ESG-стандарди. Сепак, воведувањето на овие стандарди во „Тиквеш“ е дел од континуираното подигнување на нивото на општествена одговорност на винарницата и нејзината определба да ги предводи иновациите и современите трендови во индустријата, давајќи пример за останатите учесници во винската индустрија во регионот.
Важни аспекти за „Тиквеш“ во обезбедувањето одржливост се и професионалниот развој на вработените, обезбедувањето можности за напредување и фер услови за работа, при што компанијата обезбедува значајна поддршка за вработените во нивниот кариерен развој. Дополнително, како амбасадор на иницијативата „Жени на лидерски позиции во регионот Адрија“ (Women on Boars Adria – WOBA), Славеска зборуваше и за важноста на родовата еднаквост за подобрување на сите нивоа на компаниското работење и развој на општеството.
Освен што се запознаа со ESG-практиките на „Тиквеш“ на самитот, многубројните угледни гости од регионот и пошироко можеа да ги пробаат и вината од брендот „Luda Mara“.