Back to Новости и информации за медиуми

Со воведување на ESG стандардите „Тиквеш“ го потврди статусот на прва и водечка винарница во ЈИЕ

Винарската визба „Тиквеш“ е прва компанија во винската индустрија во регионот која ги применува водечките глобални ESG-стандарди во доменот на заштитата на животната средина, позитивното општествено влијание и транспарентното корпоративно управување. Примерот на „Тиквеш“ треба да биде инспирација и мотив и за останатите домашни компании за тоа како треба да размислуваат и делуваат за да постигнат одговорен и одржлив развој.

Ова е една од клучните пораки од конференцијата за имплементација на ESG-стандардите што ја организираше Винарската визба „Тиквеш“, во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и со финансиска поддршка од Европската унија – Фонд за развој на претпријатија и иновации за Западен Балкан (WB EDIF). На конференцијата беше презентиран и првиот ESG-извештај на ВВ „Тиквеш“ за 2023-та година.

„Ние во „Тиквеш“ и во сите поврзани компании отсекогаш цврсто сме верувале дека она што го работиме треба да дава поголем ефект и целта ни е со нашите активности позитивно да влијаеме врз животната средина, заедницата и целокупното општество. Сакаме да обезбедиме перспектива за младите луѓе од нашата земја и да им дадеме можност да ги реализираат своите планови и соништа тука, а не во странство. Затоа први ги воведовме ESG стандардите, почнувајќи со нивното спроведување уште години наназад, а денес го имаме и нашиот прв ESG извештај. Но, нашата работа не завршува тука. Со зголемување на предизвиците со кои се соочуваме како човештво, се зголемува и потребата од нашата инволвираност во нови иницијативи и на нови теми. Заштитата на животната средина и борбата против климатските промени се едни од нив“, истакна претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, во своето поздраво обраќање пред учесниците на конференцијата.

„Воведувањето на овие стандарди ние во „Тиквеш“ го направивме со сопствени сили и со вложување на сопствени средства. Сепак, иако се поставени овие стандарди, сеуште во нашата земја и пошироко нема доволна свесност за потребите на компаниите. Сеуште не постојат поволни кредити со кои би се поддржало спроведувањето на активностите што ги бараат ESG- стандардите од страна на компаниите, како и за тоа да се овозможи повеќето од нив да навлезат во оваа област“, потенцираше Јаневски.

Овој процес на имплементација на ЕСГ-стандардите е дел од тековната поддршка на ЕБОР и програмата „Blue Ribbon“, која му овозможува на „Тиквеш“ пристап до клучни консултантски и советодавни услуги во оперативното и финансиското работење на компанијата.

„Солидниот еколошки и одржлив развој е во средиштето на мандатот на ЕБОР. Во овој контекст, ни претставува чест што сме една пионерска институција која го воведува  овој концепт во земјата. Ни беше чест што ја поддржавме винарницата „Тиквеш“ на патот кон етаблирање како прва одржлива винарница во Централна и Југо-Источна Европа. Го охрабруваме приватниот сектор да ги контактира нашите тимови и да зачекори кон патувањето на еколошки и одржлив развој, со цел да креира долгорочни вредности за општеството“, рече Фатих Туркменоглу, раководител на претставништвото на ЕБОР во Скопје.

На панел-дискусиите што се одржаа во рамки на конференцијата се презентираа различни аспекти од ESG сферата, вклучувајќи ја регулаторната рамка, подготовката и поднесување на ESG извештаите, за начинот на градење одговорни вредносни синџири кои вклучуваат компании со имплементирани ESG-стандарди, а беа истакнати и најдобрите локални практики и искуства, меѓу кои секако и примерот на „Тиквеш“, како успешни модели кои треба да ги инспирираат и мотивираат останатите домашни компании похрабро да зачекорат во оваа особено значајна област.

Во изминатите три години од воведувањето на ESG-стандардите, во „Тиквеш“ се реализираа голем број активности и проекти во сите области важни за одржливиот развој. Во оваа група секако спаѓаат активностите наменети за поддршка и градење партнерски односи со лозарите, за подобрување на процесите и воведување практики и стандарди кои ќе овозможат натамошен развој на домашното лозарство и винарство, за унапредување на винската култура во нашата земја, како и за обезбедување професионален развој и благосостојба на своите вработени, на локалната заедница, партнерите и соработниците, но и за економијата во целост.

Реализирани беа и проекти за изградба на фотоволтаична централа и воведување на системи за наводнување капка-по-капка кои овозможуваат заштеда на енергија, намалување на јаглеродниот отпечаток и заштита на биодиверзитетот, со кои „Тиквеш“ го потврдува епитетот –  прва зелена винарница во регионот и пошироко. Истовремено, на конференцијата беше истакнато воведувањето на технологиите за прецизно лозарство и употреба на дигитални алатки базирани на вештачка интелигенција, со цел да се обезбеди подобра контрола над лозовите насади, како и интензивните вложувања кои овозможија органска сертификација на лозовите насади и производство на првото органско вино.

Сите овие активности и проекти на „Тиквеш“ придонесуваат за исполнување на целите за одржлив развој на Обединетите Нации. Во тој дел беше истакнато и приклучувањето на „Тиквеш“ кон групата „Меѓународни винарници за борба против климатските промени“ (IWCA), во која членуваат 40 водечки светски винарници кои се лидери во активностите за заштита на животната средина и природните ресурси и кои имаат научно-базиран пристап во намалувањето на јаглеродните емисии и нивното влијание врз климатските промени.

Back to Новости и информации за медиуми

Винарска визба „Тиквеш“

0