Златни медали за „Tikveš Châteaux & Domaines“ на престижен натпревар во Франција
Две вина на „Tikveš Châteaux & Domaines“ освоија златни медали на натпреварот што го организира реномираниот француски магазин „Terre de vins“ (Земја на виното). Во конкуренција од речиси 2 000 вина, претежно од Франција, искусните оценувачи, меѓу кои сомелиери, вински трговци, енолози, увозници и сл., им доделија златен медал за белото вино „Fontaine du Sud 2023“ и за розе виното „Mistral au Jardin 2023“.
Овие две вина се произведени во француската винарница „Château de Gourdon“, која е дел од „Tikveš Châteaux & Domaines“. „Château de Gourdon“ е сместена во долината на реката Рона, кој е еден од најпознатите вински региони во Франција.
„Terre de vins“ е водечки магазин во Франција во областа на виното, винскиот туризам и уметноста на живеењето. Тој е наменет за вински професионалци, но и за љубителите на виното и претставува своевиден водич за винската индустрија. Мисијата на магазинот е да обезбеди врска меѓу производителите на вино и потрошувачите, при што наградите доделени на натпреварот што го организира списанието претставуваат препорака и значаен фактор за позиционирање на виното на францускиот пазар.
Наградените вина се резултат на експертизата и работата на енолошкиот тим на „Тиквеш“ и „Château de Gourdon“, кои целосно го контролираат нивното создавање, а искуството на енолозите на „Тиквеш“ овозможи вината произведени во француската винарница да станат носители на високи награди на влијателни вински натпревари, вклучувајќи го и натпреварот во организација на месечниот магазин „Terre de vins“.
Последниве награди се уште една потврда за високиот квалитет на вината на „Tikveš Châteaux & Domaines“ и се вбројуваат во импозантниот број од над 100 награди и признанија што годишно ги освојува винарницата на влијателни меѓународни вински натпревари.