Винарија Тиквеш ја зацврстува својата заложба за одржливост со објавување на вториот годишен ESG извештај
Винарија Тиквеш го објави Извештајот за одржливост за 2024 година, кој претставува втор сеопфатен преглед на постигнувањата во областа на еколошкото, општественото и корпоративното управување (ESG). Во извештајот се прикажува континуираната посветеност на винаријата кон одржливото работење и се истакнуваат клучните резултати постигнати во текот на фискалната 2024 година.
Градејќи врз основите поставени со претходниот извештај, Тиквеш постигна значаен напредок во повеќе важни области. Особено се издвојува стекнувањето на Сребрен статус во рамки на International Wineries for Climate Action (IWCA), како признание за намалување од 21% на јаглеродниот отпечаток по литар производ во споредба со претходната година. Исто така, делот на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на енергија се зголеми на 15,2%.
Меѓу другите значајни постигнувања се издвојуваат: унапредувањето на прецизното лозарство базирано на податоци, проширување на органското производство со сертифицирани органски вина од Domaine Lepovo, како и продолжување на инвестициите во системи за капково наводнување со намалена потрошувачка на вода. Извештајот го нагласува и силниот ESG систем на управување, фокусот на одговорен синџир на снабдување и поодржливи решенија за пакување.
Во своето обраќање, Претседателот на Управниот одбор, Светозар Јаневски, истакна: „Со храброст и подготвеност се соочуваме со предизвиците, секогаш чекор пред другите, затоа што само така можеме да обезбедиме стабилен и долгорочен развој на компанијата и да придонесеме за напредокот на заедницата во која што делуваме.“
Извештајот за одржливост за 2024 година уште еднаш ја потврдува определбата на Винарија Тиквеш – не само кон создавање врвни вина, туку и кон градење одржлива иднина за винската индустрија и за пошироката заедница.
Прочитајте го целиот Извештај за одржливост на Тиквеш за 2024 година тука [Линк]