Back to Новости и информации за медиуми

Винарија „Тиквеш“ го прославува 15-тиот јубилеј на фестивалот Младо Вино

Петнаесетта година по ред, на третиот викенд од ноември, Винарската визба „Тиквеш“ го организираше Фестивалот на младо вино, со цел да ги претстави вината од последната берба и да го истакне нивниот квалитет. Со слоганот „Вкуси го мометот, искуси ја авантурата“, и годинава, овој омилен настан привлече голем број пријатели, соработници и парнери на „Тиквеш“ од земјава и од странство.

Посебен впечаток на годинешниот фестивал остави младото вино од сортата смедеревка, а премиерно беа претставени и младите вина од сортите малвазија и станушина, кои допрва ќе ги пленат љубителите на доброто вино.

За забавата на фестивалот се погрижија младите џез музичари од музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, виртуозот на гитарата маестро Влатко Стефановски, српскиот музичар Дејан Петровиќ и неговиот Биг-бенд, како и диџејот Марко Минт.

Традиционално, гостите на фестивалот можеа да дадат парични донации за добротворни цели, при што собраните средства беа наменети за поддршка на организацијата „Донирај компјутер“ која обезбедува компјутери за социјално загрозени семејства и на Комисијата за еднакви можности, која функционира во рамки на Општина Кавадарци и работи на зајакнување на жените на локално ниво и на унапредување на родовата еднаквост.

Останува да го следиме успехот на вината што ги дегустиравме на Фестивалот на младо вино и да ги очекуваме наградите што ќе ги освојат во следниот период.

Back to Новости и информации за медиуми

Винарска визба „Тиквеш“

0