„Тиквеш Вински бутик“ како надополнување на туристичка понуда

Скопје, 01.04 2021 – Тиквеш Вински Туризам отвори нов мултифункционален Вински бутик во Кавадарци кој нуди мноштво атрактивни содржини за посетителите и за туристите од Македонија и странство. Објектот се наоѓа во склоп на комплексот на ВВ „Тиквеш“ и претставува уште една задолжителна точка за посета на сите вински ентузијасти.

Во специјално дизајнираниот простор и пријатната атмосфера посетителите ќе почувствуваат дека виното не е само пијалок, туку е комплетно искуство. Спојот на современото и традиционалното е проткаен низ сите аспекти од овој објект, што креира неповторливо искуство за сите посетители независно од нивното предзнаење за виното и винската култура.

Покрај вообичаената продажба на вино, во иднина посетителите ќе имаат можност за дегустација на производите од палетата на „Тиквеш“ и „Tikveš Châteaux & Domaines“. Дел од бутикот функционира како изложбено катче во кое се изложени архивски вина од долгата винска историја на ВВ „Тиквеш“, како и експонати од почва и лозници од трите ексклузивни вински микролокации Барово, Лепово и Бела Вода.

Во бутикот можат да се најдат и најразлични сувенири изработени од вештите раце на македонските занаетчии, а со нивното купување посетителите ќе придонесат кон развојот на локалното занаетчиство. Уште една функционалност на Винскиот бутик е туристичкиот инфо-центар, каде туристите, винските вљубеници и авантуристите можат да добијат корисни информации за понудите винските туристички дестинации во регионот.

Реконструкцијата на Винскиот Бутик е спроведена во рамки на на потпроектот „Развој на еногастро туризам- Искуси ја Северна Македонија“ во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), финансиран од Европската Унија администриран преку Светската Банка, а се спроведува преку Кабинет на Заменик Претседателот на Владата задолжени за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции.