„Бела вода“ прогласено за најдобро македонско вино и уште 23 медали на најголемите европски вински натпревари
На три реномирани интернационални вински натпревари кои изминатиот период се одржаа во Германија, Велика Британија и Австрија, нашите вина освоија 23 медали и една специјална награда за најдобро македонско вино. Со овие награди, вкупниот број на освоени медали и признанија од почетокот на годинава се искачи на речиси 100.
Специјалната награда за најдобро македонско вино (Best of Show North Macedonia) и златен медал беа доделени на „Bela Voda white 2021“ на „Mundus Vini Summer Tasting“, кој се одржува во Германија, каде златни медали добија и „Terrasse au Soleil 2021“ и „Barovo red 2019“, додека на „Bela Voda red 2019“ му беше доделен сребрен медал.
На натпреварот „Austria Wine Challenge Vienna 2022“ пет наши вина освоија златни медали и тоа: црвените „Barovo“, „Bela Voda“, „Vranec Luda Mara“ и „Terrasse à l’Ombre“ од бербата 2019, како и белото „Sauvignon Blanc Barovo 2021“. Сребрени медали освоија „Domaine Lepovo Chardonnay 2021“, „Bela Voda white 2021“, „Barovo white 2021“ и „Alexandria Cuvée rose 2021“.
На престижниот „International Wine & Spirit Competition 2022“, кој се одржа во Лондон, беа освоени 10 медали, при што сребро беше доделено на „Vranec Luda Mara 2019“, додека бронзени медали на овој исклучително конкурентен натпревар освоија 8 наши вина и жолтата лозова ракија VS.