Скопје, 30.04.2019 – Винарската визба „Тиквеш“ воведе новини со кои ја унапреди својата линија на традиционални вина кои на пазарот се достапни во амбалажа од еден литар.

Од април 2019 сите вина од оваа линија добија целосно подобрување на амбалажата, што опфаќа: нова етикета, ново шише и нов тип на навоен затворач кој значително придонесува за зачувување на квалитетот на виното.

Друг новитет е проширувањето на оваа линија со популарните вина „Тиквешко бело“ и „Тиквешко црвено“ кои досега се нудеа на пазарот единствено во „Bag-in-box” пакувања од три литри.

– Проширувањето и модернизацијата на нашето постојно портфолио на традиционални вина е направена согласно пазарните трендови и преференците на потрошувачите, како на македонскиот пазар, така и во регионот. Нагласуваме дека квалитетот и вкусот на вината од овој сегмент ќе го задржи досегашното високо ниво. Очекуваме ваквите новини да бидат одлично примени кај потрошувачите, со што овие вина ќе ја зголемат својата популарност кај оние што веќе ги препознаваат и ценат, како и кај новите генерации потрошувачи кои допрва се запознаваат со нивната автентичност и уникатни вредности – вели Радош Вукиќевиќ, генерален директор на „Тиквеш“.

Линијата на традиционални вина во амбалажа од еден литар ја сочинуваат исклучително популарни вина, присутни со децении кај нас и на пазарите во регионот. На домашниот пазар тоа се: „Смедеревка“, „Кратошија“, „Кавадарка“, „Вранец“, „Витач“, „Розе“ на кои се надоврзуваат и новите „Тиквешко бело“ и „Тиквешко црвено“. Нивната достапност за широка група на потрошувачи се должи на комбинацијата на цената и квалитетот што го нудат, а новата помодерна амбалажа дополнително ја зголемува нивната привлечност.

Визуелните карактеристики на новата амбалажа содржат елементи кои ги отсликуваат традиционалните вредности и обичаите на нашата земја што е причината за цврстата врска меѓу вината од оваа линија со нивните љубители. Креативната изведба на новиот дизајн на етикетите се раководи од слоганот „Страст за традицијата“.

Винарската визба „Тиквеш“ ќе продолжи со воведување новини и модернизирање на своето портфолио во согласност со определбата за континуирани иновации, унапредување и развој на производите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Tikveš Winery

0