Скопје, 5.09.2019 – Во пресрет на Европското првенство во одбојка, кое ќе се одржи од 12 до 29 септември, Винарската Визба „Тиквеш“ организираше испраќање на националната одбојкарска репрезентација.
„Тиквеш“ е донатор на одбојкарската федерација и подржувач на одбојката во државата, со што како најголема винарница во земјава и регионот покажа дека го препознава историскиот успех на македонската одбојка, откако репрезентацијата за првпат се пласира на завршницата на континенталниот шампионат.
„Горди сме на успехот на нашите одбојкари и се надеваме дека оваа наша поддршка ќе им даде дополнителен мотив за успешно презентирање на македонската одбојка на првиот настап на едно Европско првенство. Веруваме дека македонската спортска јавност ќе се радува на нови одбојкарски победи“, изјави Радош Вукиќевиќ, генерален директор на „Тиквеш“.
Нашата репрезентација на почетокот на годинава се пласираше на Европското првенство во одбојка откако се избори да се најде меѓу петте најдобро второпласирани во квалификационите групи.
„Живееме во време кога за врвни резултати во спортот е неопходна поддршка од врвните компании и брендови, а Винарската Визба „Тиквеш“ е токму таков бренд. Со овој нивен потег се створени сите услови Федерацијата и одбојкарите да се концентрираат само на спортските предизвици и на постигнување што подобри резултати на Европското првенство“, изјави Петар Јовановски, претседател на Македонската одбојкарска федерација.
Европското првенство во одбојка ќе се одржи во четири земји – Словенија, Франција, Белгија и Холандија. Македонската репрезентација ќе игра во групата Ц, чиј домаќин е селекцијата на Словенија, а во неа се уште и Финска, Русија, Белорусија и Турција.