Признанија и Награди
Вината на ВВ „Тиквеш“ се синергија на локалната традиција во производството на вино, инвестициите во најсовремената технологија во винската индустрија, примената на најдоброто светско знаење и искуство и енергијата на нашите вработени. Нашата посветеност кон врвниот квалитет ја препознаваат и ја потврдуваат релевантни организации и институции од регионот и светот, што за нас е дополнителна мотивација.
Секоја година, вината на ВВ „Тиквеш“ освојуваат над 50 престижни награди на најзначајните меѓународни натпревари за вино како што се: Decanter, International Wine Challenge, Mundus Vini, Chardonnay du Monde, Le Mondial du Rose, Citadelles du Vin и други. Горди сме на овие успеси и на тимот енолози на ВВ „Тиквеш“, чиј предводник од 2010 година е г. Марко Стојаковиќ, кој активно соработува со Филип Камби, еден од водечките консултанти за вино во светот.
Винарската визба „Тиквеш“ е единствената винарница во регионот со осум вина оценети од најпознатиот вински критичар во светот, Роберт Паркер (Robert M. Parker). Роберт Паркер и тимот на „The Wine Advocate“ доделија 94 поени на црвеното вино „Бела Вода“ 2010, потврдувајќи и надминувајќи ја оваа оцена со доделување 95 поени за „Бела Вода“ црвено од бербата 2012, а со над 90 поени беа оценети и други 7 наши вина.
Во 2015 и во 2016 година, „Тиквеш“ две години по ред ја доби наградата „Најкомпанија на годината“ што ја доделува регионалната канцеларија за Југоисточна Европа на Европското здружение на менаџери и списанието „Еуроменаџер“. На истата манифестација што се одржува во Сараево, наградата „Најменаџер на годината“ во 2015 година ја понесе претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, г. Светозар Јаневски, а во 2016 година, генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, г. Игор Илиевски. Претседателот на Управниот одбор, г. Светозар Јаневски, во 2015 година стана носител и на меѓународната награда за животно дело во претприемништвото „Креатори за столетијата“, доделена во рамките на самитот на претприемачи во регионот на Југоисточна Европа ‒ „300 Најдобри“ што се одржа во Дубровник.
Нашите активности на полето на корпоративната општествена одговорност беа препознаени и беа наградени во 2013 година во категоријата односи со пазарот, со Национална награда за најдобри општествено одговорни практики, а низ годините награди и признанија ни доделија потрошувачите и претставниците на винската индустрија на глобално ниво. Во 2008 година, „Тиквеш“ беше прогласен за најомилен регионален бренд на „Brand Fair Internacional“ – најголемата манифестација од областа на брендирањето во Југоисточна Европа што се одржа во Белград, Србија, додека, пак, на „Wine Innovation Forum“, во Париз, во 2008 година, „Тиквеш“ беше вброен меѓу триесетте најиновативни вински брендови во светот.