Скопје, 06.06.2019 – Винарската визба „Тиквеш“ ги донесе на македонскиот пазар првите четири вина произведени во француската винарница „Château de Gourdon“, која од ноември 2018-та година е дел од „Тиквеш“. Тоа се премиум вината: Fontaine du Sud (бело), Mistral au Jardin (розе) и Vase de Pierre (црвено), како и белото ‘icon’ вино Terrasse au Soleil.

Овие четири вина се дел од целосно обновеното портфолио на винарницата „Château de Gourdon“ кое го сочинуваат вкупно седум вина. Планирано е останатите три вина од ова портфолио да пристигнат на домашниот пазар до крајот на оваа година.

„Овие вина ја заокружуваат и совршено ја дополнуваат линијата што ја сочинуваат нашите префинети ‘тероар’ вина со уникатен карактер и висок квалитет кои потекнуваат од строго контролирани лозови насади на домените Лепово, Бела Вода и Барово. За нас беше сосема логично сите овие вина да ги групираме во една заедничка бренд-платформа ‘Tikveš Chateaux & Domainеs’, која убеден сум дека ќе прерасне во синоним и репер за високовалитетни премум вина на домашниот пазар, но и препознатлив вински бренд во светот. Верувам дека со овие вина, кои гордо можеме да ги наречеме – француски, а наши – сме чекор поблиску до остварувањето на нашата стратешка цел, да го внесеме ‘Тиквеш’ во групата водечки производители на вино во светот и да ја зголемиме продажбата на интернационалните пазари“, истакна претседателот на управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски.

Заедничка одлика на сите вина што ја сочинуваат бренд-платформата „Tikveš Chateaux & Domainеs“, во која спаѓаат и вината произведени во винарницата „Château de Gourdon“, е тоа што тие потекнуваат од строго контролирани лозови насади кои се дел од самиот посед и каде климатските услови, сонцето, водата, ветерот и почвата, со еден збор – ‘тероарот’, се во совршен баланс кој е идеален за производство на префинети вина со извонреден квалитет.  Овие вина се со заштитено географско потекло, се произведуваат во ограничени количини и имаат уникатен карактер кој ги отсликува дистинктивните карактеристики на самиот локалитет.

Поседот „Château de Gourdon“ е сместен во јужниот дел од долината на реката Рона во Франција.. Првите лозови насади на оваа локација биле подигнати уште во 1870 година, а денес се простираат на 50 хектари, во ридест предел. Лозјата имаат јужна експозиција што овозможува гроздовите да бидат изложени на сончевите зраци во текот на целиот ден, додека ветерот мистрал, кој често е присутен, овозможува гроздовите да останат здрави и помалку подложни на болести. Овие фактори, во комбинација со песокливата почва, овозможуваат грозјето одгледано на лозовите насади на „Château de Gourdon“ да е со висок квалитет во текот на секоја берба, што пак придонесува за производство на комплексни вина со изразена ароматика и карактер.

***

Mistral au Jardin е премум розе вино создадено од сортите сaнсу (60%) и гренаш црн (40%). Ваквиот сооднос обезбедува експлозија од ароми на рози и минерални ноти од цреша, малина, лубеница, грејпфрут и цвеќе. Ова суво розе има овошен вкус и долг, богат финиш што се чувствува долго по првата голтка и неодоливо потсетува на медитеранскиот залез на сонцето, споделен со добро друштво.

Идеалната температура на сервирање е меѓу 10 и 12°C.

 

Vase de Pierre е премум вино во кое сортите гренаш црн и сира се идеално балансирани. Тоа е вино со рубин црвена боја, со елегантни тонови и арома на диви јагоди, црвена рибизла, малина и мајчина душичка. Се одликува со мека, но сложена текстура и изразено долг финиш во кој доминираат цветни и ноти на малина и ликер. Се сервира на температура од 18 до 20°C.

Белото премиум вино Fontaine du Sud е идеално балансирана купажа од сортите: гренаш бел, кирет, русан, марсан и виоње. Се одликува со средно тело и висока ароматика, во која доминираат цитрусни ароми и ноти од суви цветови на мандарина и кајсија. Во вкусот се чувствува влијание на кора од портокал и бела праска. Ваквите карактеристики на ова вино му даваат изразена свежина, што го прават идеален придружник на топлите денови. Се сервира на температура од 10 до 12°C.

 

Белото ‘icon’ вино Terrasse au Soleil е100% гренаш бел во најчиста форма, кое ферментира и шест месеци одлежува во специјални дабови буриња. Со својата интензивна боја на лимон и дефинирани цветни мирисни ноти и ароми на медени дињи, кора од лимон, лешник и даб, со право го оправдува своето име – „Сончева тераса“. Уште при првата голтка од ова вино, се чувствува богатство на минерали и вкусови од сочни круши и печени бадеми. Температурата на сервирање се движи од 11 до 13°C.