vinska-edukacija

Вински речник

Љубителите на виното уживаат во долгите разговори за виното и неговиот вкус. Понекогаш овие разговори звучат застрашувачки, но доколку се запознаете со дел од клучните изрази кои се користат во светот на виното, ќе можете лесно да се впуштите во интересни дискусии и да бидете омилен соговорник за време на пријатни прилики за дружење.

Корисни вински изрази

Апелација (франц. appellation) – законски дефинирана и заштитена географска област со која се идентификува потеклото на грозјето користено за производство на вино.

Барик (франц. barrique) – дабово буре со зафатнина од 225 литри.

Ботритис – болест на виновата лоза предизвикана од фунги што ја напаѓаат во влажни климатски услови.

Буке (франц. bouquet) – комбинација од ароми кои се чувствуваат при помирисување на виното.

Винификација – процес на производство на вино, почнувајќи од изборот на грозје кое ќе се користи во производството, па сè до пакувањето на виното во шишиња.

Витикултура – наука која ги опфаќа сите аспекти на производство и проучување на грозјето. Се однесува на активностите кои се одвиваат на лозјето.

Енологија (брит. анг. oenology; амер. анг. enology) – наука која ги опфаќа сите аспекти на проучување на виното и неговото производство, но не ги вклучува одгледувањето и бербата на грозје.

Енолог – специјалист за производство на вино, експерт во областа енологија.

Енофил (франц. oenophile) – љубител и познавач на виното.

Куве (франц. cuvée) – комбинација на две или повеќе вина од различна сорта или, пак, од различна година на берба. Синоним на зборот купажа (франц. coupage).

Сомелиер (франц. sommelier) – обучен познавач на виното, професионалец кој најчесто работи во угледни ресторани и дава препораки на гостите во изборот на вино.

Танин – состојка во виното која доаѓа од лушпите, семките и петелките на грозјето. Го дава основниот горчлив вкус на виното. Не е пожелна во големи количини.

Тероар (франц. terroir) – комбинација на влијанието на природните елементи: почва, клима и топографија на уникатните карактеристики на одредено место, од кои зависи вкусот и квалитетот на виното произведено од грозје кое се одгледува на тој специфичен локалитет.

 Основни изрази со кои се опишува аромата, вкусот и карактерот на виното

Богато – со богат, добро заокружен вкус.

Горчливо – грубо вино што ја собира устата; обично се должи на големо присуство на танин.

Дебело – ја исполнува устата на позитивен начин. Виното има премногу очигледен вкус и често недостиг на елеганција, но е ценето од познавачи на слатки десертни вина.

Жешко/Луто – се користи при описот на вино со големо количество алкохол кој дава чувство на оган на непцето.

Зелено – изразот има двојна употреба:

  • Се однесува на вино направено од недозреано грозје коешто има „зелени“ танини;
  • Се однесува на вино со вегетациски вкус т.е. арома на тревки, лисје, вегетација-растенија; се смета за недостаток доколку има големо присуство.

Зрело – придавка што се користи кога карактеристиките на сортата се оптимално присутни во добро балансирано вино.

Јаткасто – вино со арома на јаткасто овошје (лешник, орев, бадем).

Кисело – се користи за опис на вино со остар вкус, најчесто поради содржината на високо ниво на киселини.

Комплексно/Хармонично/Елегантно/Врамнотежено/Заокружено/Рафинирано – комплетно вино без доминантни карактеристики, содржи добра пропорција на сите елементи.

Корпулентно – се однесува на телото и текстурата. Често означува карактеристика на богато и мазно.

Кремасто – компонента што се добива со подложување на виното на малолактичка ферментација.

Меко – со мало влијание на непцето, опишува вино со мало количeство киселина/танин/алкохол.

Овошно – обично вклучува присуство на сладок вкус каков што може да се најде во свежо грозје.

Пикантно – вино кое има вкус на зачини (црн бибер, анасон, каранфилче).

Рамно – еднолично, здодевно. Обично се однесува на мало количество киселини и поради тоа и недостиг на вкус и возбудливост.

Робусно – означува енергично и витално вино.

Свежо – виното што има жив, овошен, киселкаст вкус.

Свиленкасто – означува конзистентност, се користи за опис на подобри вина.

Силно/Моќно – се користи за опис на млади црвени вина со висок процент на алкохол и танин.

Сортно – вино кое го носи карактерот на сортата т.е. има соодветен вкус што произлегува од грозје берено со оптимална зрелост.

Срдечно – израз со кој се опишува полно вино што побудува чувство на топлина и гостопримливост.

Структура – целокупен вкус на виното; обично носи дополнителни модификатори: добро структурирано, стабилна структура и сл. Го означува односот меѓу компонентите кои го создаваат телото на виното и неговиот интензитет (алкохол, киселина и танин).

Тврдо – означува висока киселост и содржина на танин што предизвикува сушење на устата. Корисно за идентификување млади црвени вина погодни за стареење.

Тело – ефект што се чувствува на непцето, а произлегува од комбинацијата на алкохол, глицерин и шеќер во виното. Виното со полно тело ја исполнува устата, и од присуството на алкохол, виното „тежи“ на јазикот; спротивно од „тенко“ или „со лесно тело“.

Трпко – вино со киселкав вкус.

Финиш/Завршеток/Повкус – вкус којшто останува во устата откако ќе се проголта виното.

Цветно – вино во кое доминира цветна арома.

Цитрусно – со aрома на агруми (грејпфрут, лимон).

Чисто – вино без непожелни ароми и вкус.

Шармантно – вино со лесен вкус, се однесува на вино кое не ги исполнува првичните очекувања и чиј вкус не трае долго откако ќе се проголта виното.