Енолошки стил

Тимот енолози на Винарската визба „Тиквеш“ претставува комбинација на меѓународно и домашно искуство, на младост и мудрост, традиција и современи техники за производство на вино. Заеднички, овој тим води кон клучната цел – да создаваме врвно вино кое го носи печатот на препознатливост на Винарската визба „Тиквеш“.

Веруваме дека виното е рефлексија на поднебјето од кое потекнува, не само според специфичниот тероар, туку и во негувањето автентичен стил и карактер во процесот на производство. Нашиот тим енолози знае дека создавањето висококвалитетно вино започнува уште со изборот на грозјето, строго контролирајќи го неговиот квалитет и потекло. Современата технологија за производство на вино овозможува овој квалитет да се зачува сè до моментот кога виното ќе стигне до нашите потрошувачи.

Препознатливиот потпис на „Тиквеш“ се состои и во умешноста на комбинирање локални и интернационални сорти грозје, со цел да се создаде вино кое ќе има единствен и неповторлив вкус. Со примена на процесот на микровинификација се овозможува од најквалитетните зрна грозје да се искористат и сочуваат најдобрите карактеристики на сортата и на поднебјето. Употребата на дабови буриња (барик) за ферментација и одлежување на виното е уште еден суштествен начин со кој тимот енолози на „Тиквеш“ го гради и одржува уникатниот карактер на нашите вина.

Овој пристап несомнено ќе има долгорочно влијание врз развојот на македонската индустрија за вино, намера и обврска која „Тиквеш“ ја има како нејзин лидер, носител на епитетот најиновативна винарница на глобално ниво и предводник на промените и на развојот на македонската винска индустрија.

Истражувањата на теренот, инвестициите во современа технологија за производство, развојот на нови производи, ангажманот на домашни и странски врвни експерти за вино, се чекорите со кои ги поставуваме стандардите по кои се мери успешноста на македонската винска индустрија и го трасираме патот за Македонија да го заземе своето место како реномиран вински регион во глобални рамки.