Присуство на благотворните состојки во виното на „Тиквеш“

 

За да ги зачува благотворните состојки присутни во грозјето и да ги пренесе во виното, Винарската визба „Тиквеш“ применува модерна технологија, добри енолошки практики и посветува големо внимание во одгледувањето и изборот на грозје за производство на вино.

Од особено значење е примената на хиперредукција во производството на вино. Станува збор за намалување на можноста на допир на грозјето и виното со кислород, кој врши оксидација на благотворните состојки. Примената на комплетно затворен систем во сите фази на производството го спречува навлегувањето на кислородот, при што се зголемува присуството на важните состојки и во белото и во црвеното вино. Со примена на хиперредукција, се намалува потребата од користење сулфити, кои се најголеми виновници за појавата на главоболка кај луѓето чувствителни на овие супстанции.

Зголемувањето на присуството на благотворните состојки се врши и со мацерацијата, односно ферментацијата на гроздовиот сок заедно со лушпата во која, пак, се содржани најголемиот дел од благотворните состојки. На тој начин се овозможува екстракција на најголем дел од нив и во виното. Примената на микровинификација при производството на одредени типови вино, придонесува да бидат избрани само најквалитетните зрна грозје за натамошна преработка и со тоа и да се добие најквалитетно вино кое изобилува со состојки кои поволно влијаат на организмот.

Спроведеното истражување во соработка со Земјоделскиот институт во Словенија, докажа дека Темјаниката на „Тиквеш“ содржи поголема концентрација на благотворни киселини во споредба со другите бели сорти. Истото важи и за присуството на ресвератрол во Вранецот на „Тиквеш“. Овие карактеристики на вината произлегуваат токму од примената на современите техники за производство и внимателниот избор на грозје.