Kорисни состојки во виното

 

Ресвератрол е состојка во црвеното вино која е најзаслужна за спречување на оштетувањата на крвните садови, за намалување на штетниот холестерол и за спречување на згрутчувањето на крвта, намалувајќи го ризикот од срцеви заболувања. Илустрација на ваквото влијание на црвеното вино е „францускиот парадокс“. Исхраната на Французите вклучува внесување масни сирења, месо, јајца и други намирници кои изобилуваат со масти и холестерол и кои придонесуваат за зголемување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Сепак, стапката на срцеви заболувања е на многу ниско ниво во Франција, а овој факт се припишува на консумацијата на чаша црвено вино со секој главен оброк. Ресвератролот има и антиоксидантно дејство, со што штити од појавата на малигни заболувања и го забавува процесот на стареење.

 

Кафтарната киселина е моќен антиоксиданс присутен во белото вино. Оваа состојка ги врзува слободните радикали во организмот кои настануваат при природното користење на кислородот во клетките и кои можат да нанесат штета на телесните клетки. Како антиоксиданс, кафтарната киселина го спречува оштетувањето на клетките и со тоа и појавата на одредени болести, како: срцеви заболувања, малигни заболувања, диjабетес и макуларна дегенерација. Кафтарната киселина спречува инфекции и го зајакнува имунолошкиот систем.