Vranec Special Selection на „Тиквеш“ дел од мултимедијалното шоу на светски познатиот Ијан Меккален

Светски познатиот актер Ијан Меккален, повеќекратно наградуван и два пати номиниран за Оскар и познат на пубиката по ликот на Гандолф од мега популарниот филмски серијал „Господар на прстените“, организираше мултимедијална претстава во Парк театарот во Лондон со наслов „Шекспир, Толкин другите и ти“. На овој начин беше одбележан 50-годишниот јубилеј од неговата работа. Дел од овој културен спектакл во кој учествуваше и публиката беше и Винарската визба „Тиквеш“. За време на претставата актерот го покани на сцената винскиот експерт Питер Меккомби и заеднички одржаа винска лекција која беше проследена од публиката со голем интерес и воодушевување бидејќи и таа беше дел од изведбата.

Во текот на претставата кадешто Меккален во интерактивно шоу ги потсети обожавателите на своите улоги и сподели дел од своето искуство, специјално изненадување на вечерта беше Vranec Special Selection, виното на „Тиквеш“ што освои Трофеј за најдобро македонско црвено вино на годинешниот International Wine Challenge во Лондон. На шоуто на Меккален беше промовирано врвното вино на „Тиквеш“, а дел од присутните со купување на билет за шоуто добија и шише Vranec Special Selection со специјална етикета изработена за овој настан. Останатите посетители можеа да го купат виното, како и да уживаат во изложбата на култни постери, слики и фотографии од животот и работата на овој легендарен актер.