Стручна конференција – „Влијание на умерената консумација на вино врз здравјето – истражувања и докази“

Квалитетните вина, а во тие рамки и врвните вина од Македонија, се богат извор на биоактивни и нутритивни соединенија кои имаат позитивно влијание врз здравјето на луѓето. Ова е еден од заклучоците од стручната конференција „Влијание на умерената консумација на вино врз здравјето – истражувања и докази“ која беше организирана од ВВ „Тиквеш“ како прва активност во рамки на платформата „Вредности на виното“.

Конференцијата се одржа на 19.5.2016, во просториите на М6 Едукативниот центар во Скопје, а свои научни трудови презентираа истакнати домашни и странски истражувачи. Секој од говорниците потенцираше различни аспекти и докази за влијанието на умерената консумација на виното врз здравјето. Главниот заклучок од презентацијата на д-р Сабина Пасмонти е дека умерената, редовна консумација на вино овозможува намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања, срцеви и мозочни удари за што придонесуваат високите концентрации на полифеноли, како што се антоцијаните, кои се особено присутни во квалитетните црвени вина. Според д-р Клемен Лисјак грозјето од сортата вранец од тиквешкиот регион содржи највисоки концентрации на органски соединенија, особено антоцијани кои се заслужни за интензивната црвена боја на врвните вина од оваа сорта и имаат исклучителни нутритивни вредности во споредба со останатите сорти. Истражувањата на д-р Андреја Ванзо покажуваат дека во квалитетните бели вина произведени во „Тиквеш“ присутни се биоактивни органски соединенија, како што е транс-кафтарната киселина, и кои поради своите карактерстики се еднакво важни за здравјето на луѓето како и состојките присутни во црвените вина. Д-р Виолета Иванова-Петропулос, која во одредени свои истражувања користи примероци од врвни вина произведени во „Тиквеш“ констатираше дека висококвалитетните македонски црвени вина, особено од сортата вранец, се богати со биоактивни и нутритивни соединенија со изразено антиоксидантно дејство, висока активност против слободните радикали, заштитна улога при артериосклероза и коронарна срцева болест, како и инхибирачко дејство на растот на канцерогените клетки во човечкиот организам.

ВВ „Тиквеш“ и понатаму ќе остане посветен во промовирањето на научно потврдените факти за благотворното дејство по здравјето на умерената консумација на вино.