ИНТЕРВЈУ: Органско грозје за здраво вино

046CA551E7E7D846A682F7DFB10ABFC0

Во Македонија се произведува речиси органско грозје и вино, што се должи на многу малата употреба на заштитни средства поради поволните климатски услови, вели д-р Клемен Лисјак, енолог и истражувач на Институтот за земјоделство на Словенија

Господине Лисјак, долго време сте вклучени во различни научни истражувања поврзани со виното, со ефектите од консумација на виното врз здравјето, а и самиот сте енолог. Може ли да ни кажете кои се најзначајните состојки во виното кој влијаат на неговиот квалитет и имаат позитивно влијание врз здравјето?

Виното е исклучително комплексен производ и тоа гледано од повеќе аспекти. Неговиот квалитет во голема мера е детерминиран од природата, а по својот состав е исклучително комплексна матрица која ја сочинуваат голем број на различни соединенија, односно состојки.

Виното е богат извор на биоактивни и нутритивни фенолни соединенија. Фенолните соединенија влијаат на квалитативните карактеристики на грозјето и виното. Тие меѓу другото ја одредуваат бојата на виното и влијаат на неговиот вкус. Она што е позначајно е дека полифенолите имаат многубројни позитивни ефекти за здравјето на човекот. Тие имаат антиоксидантно дејство и висока активност против слободните радикали, како и инхибирачко дејство на растот на канцерогените клетки, а во виното доаѓаат од грозјето.

Ресвератрол и антоцијаните имаат позитивен здравствен ефект за спречување на оштетувањата на крвните садови, за намалување на штетниот холестерол и за спречување на згрутчувањето на крвта, намалувајќи го ризикот од срцеви заболувања. Често се препорачуваат како суплемент во исхраната, но преку виното може да се консумираат во природна форма. Постојат и други значајни состојки во виното кои влијаат позитивно на здравјето, но генерално може да се каже дека умерената консумација на вино, што значи една-две чаши на ден има позитивно влијание за здравјето на човекот.

На што конкретно се фокусирани Вашите последни истражувања и кои се резултатите?

Моите последни истражувања се занимаваат со карактеризација на полифенолите во црвени сорти грозје и карактеризација на тероарот, односно различните лозови насади во Тиквешкиот Регион, како и со подобрување на содржината на полифенолите во виното преку контролирани практики на одгледување грозје и контролирано производство на вино.

Беа анализирани вина од сортите вранец, кратошија, плавец, мерло и каберне совињон на винарската визба „Тиквеш“, од различни локалитети и од различни берби. Анализите покажаа дека вранецот е сорта со највисока содржина на антоцијани и танини во грозјето, а со самото тоа и во виното. Содржината на ресвератрол е исто така повисока во вината од сортата вранец во споредба со мерло и каберне совињон. Меѓу другото истражувањата покажаа дека бербата, односно метеоролошките услови во текот на една година, имаа круцијално значење за содржината на полифенолите. Исто така, утврдивме дека многу значаен е и типот на почвата.

Која е улогата на тероарот во производство на квалитетно вино и грозје со состојки кои се корисни по здравјето на човекот и дали има разлики во нивната содржина зависно од бербата?

Позната е изреката дека виното се прави уште на лозјето. Оттаму, тероарот кој всушност претставува комбинација на влијанието на природните елементи: почва, клима и топографија на уникатните карактеристики на одредено место, има суштинско значење за квалитетот на грозјето и виното. Истражувањата покажаа дека вино од една иста сорта и добиено со примена на исти лозарски практики, но добиено од грозје од различни локалитети има различна содржина на антоцијани, структура на танини и други фенолни состојки. Ова зависи од микроклимата и посебно од составот и текстурата на почвата, на пример процентот на глина, песок и нанос.

Што мислите за квалитетот на грозјето произведено во Македонија и за нашите вина?

Можам да забележам огромен прогрес во квалитетот на грозјето и виното од пред 10 години кога за првпат започнав да соработувам со Винарската визба „Тиквеш“. За тоа всушност говорат и многубројните награди кои македонските вина ги освојуваат на најпрестижните вински натпревари низ светот.

Но, она што сакам да го истакнам е дека во Македонија се произведува речиси органско грозје и вино. Тоа се должи на многу малата употреба на заштитни средства, што пак е овозможено од поволните климатски услови. За споредба, во Македонија грозјето се прска најмногу 4-5 пати годишно, за разлика од Словенија, од каде што доаѓам, каде што лозовите насади се прскаат и 10-15 пати годишно. Ова е многу значајна квалитативна и конкурентска предност на македонските вина, која сметам дека треба дополнително да ја искористите за уште поголем пробив на македонското вино во светот.

Кое е Вашето омилено македонско вино?

Ги сакам вината од сортите карактеристични за македонското поднебје, посебно вината од сортите темјаника и вранец. Ова се сортите кои им се допаѓаат на многу странци веројатно поради тоа што на некој начин се „егзотични“, со уникатен вкус, не доволно познат за луѓето кои живеат надвор од овој регион. Моето омилено македонско бело вино е „темјаника спешал селекшн“, на „Тиквеш“, а црвеното „бела вода“ е мој фаворит меѓу црвените. Второво е уникатен бленд на две сорти карактеристични за балканскиот регион, вранец и плавец. Мислам дека нема човек кој останал рамнодушен на ова вино. За неговиот квалитет зборуваат и високите оценки од најпознатиот вински критичар Роберт Паркер.

Сања Наумовска

Објавено во Утрински весник на: 09.06.2016, 16:10