komunikaciska-platforma

Ширум светот виното има репутација на благороден пијалак. Неговата популарност се должи, меѓу другото, и на многубројните научни истражувања, кои докажале дека виното содржи голем број соединенија, какви што се: антиоксиданси, минерали и витамини, кои имаат позитивно влијание врз здравјето и животот на луѓето. Експертите се децидни дека квалитетните вина, поради своите карактеристики и состојки, се неизбежен дел од современите животни стилови и навики, кои се темелат на здрава исхрана и физичка активност. Се разбира, посакуваните придобивки од консумација на виното, можат да се почувствуваат само доколку тоа се консумира одговорно.

Во Македонија виното има статус на национална гордост. Тоа се должи на вековната традиција за производство на овој благороден пијалак во нашите краеви. И токму поради тоа, сосема природен е интересот и амбицијата на „Тиквеш“ за иницирање на комуникациската платформа „Вредности на виното“, чија основна цел е ширење на научно потврдените факти што потврдуваат дека врвните македонски вина содржат високи концентрации на органски соединенија, кои имаат позитивно влијание врз здравјето, како и многубројни уникатни карактеристики, кои совршено се вклопуваат во современите животни стилови.

Во рамките на оваа комуникациска платформа ќе се реализираат низа различни активности, кои ќе ја потврдат и ќе ја промовираат нераскинливата врска на квалитетното вино со здравјето, храната и со животниот стил. Платформата не само што ќе ги промовира сите вредности на виното туку ќе содржи и едукативна компонента. Активностите ќе се реализираат преку соработка и партнерство со сите организации, институции и поединци, кои имаат што да кажат за вредностите на виното, особено за предностите на квалитетното македонско вино, со што сите заедно ќе придонесеме за неговата промоција и верификација во земјата и ширум светот.

За сите активности поврзани со платформата „Вредности на виното“ ќе може да се информирате на нашата веб страница како и на профилите на ВВ „Тиквеш“ на социјалните медиуми. Следете нè.