• 1920: Инструменти за мерење на јачината и квалитетот на грозјето
  • 1948: Првите изградени објекти на винарската визба „Тиквеш“
  • 1956: Првата полуавтоматска машина за полнење на вино во винарската визба „Тиквеш“
  • 1957: Јосип Броз Тито во посета на „Тиквеш“, 28 мај 1957 година
  • 1970: Одбележување на денот на лозарите „Св. Трифун“
  • 1973: Создадено е виното „Т'га за југ“ во чест на Струшките вечери на поезијата
  • 1980: Оваа берба беше една од најбериќетните берби. Колони од камиони, трактори и коли чекаат за истовар на грозјето
  • „Тиквеш“ е на листата на 100-те глобално најперспективни брендови, публикувана од M&M Global
  • 1885
  • 1920
  • 1928
  • 1948
  • 1956
  • 1957
  • 1970
  • 1973
  • 1980
  • денес

Историја

Традицијата на винарството во Македонија и Тиквешијата е вековна. Уште од времињата на Римската Империја е запишано дека во Македонија се создаваат чудесно моќни вина со мирис на југот, вкус на песната и насмевките на луѓето што живеат на овие простори. Во создавањето на таа долга винска традиција во нашата земја, а особено во тиквешкиот регион, вклучени се безброј вредни и вешти лозари и винари од минатото и од сегашноста. Голем удел во создавањето, негувањето и промоцијата на таа традиција во земјата и ширум светот, ѝ припаѓа токму на винарската визба „Тиквеш“. Врвните вина кои се резултат на совршениот спој на земјата, небото, сонцето, најдоброто грозје од тиквешкиот регион и најсовремената технологија и знаење на винските мајстори, гордо му припаѓаат на „Тиквеш“ и Тиквешкиот регион, кој уште од 1885 година е симболот на вековната винска традиција во Македонија.

1885: Во периодот од крајот на XIX и почетокот на XX век, светот, а особено регионот на Југоисточна Европа е во виорот на интензивни политички и социо-економски промени. Некои од тие промени го будат и претприемачкиот дух на поединци и угледни семејства во тиквешкиот вински регион кои согледувајќи го потенцијалот за развој и комерцијализација што тој го нуди, започнуваат да создаваат вински подруми во кои се произведуваат квалитетни вина во шишиња на чии етикети јасно се истакнува географското потекло на виното. Со тоа вековната традиција за производство на вино за првпат добива име кое генерички го поврзува со регионот во кое настанува, а тоа е ... „Тиквеш“. Првото споменување на „Тиквеш“ во пишан документ се поврзува токму со овој период, поточно со годината 1885-та, која се смета и за година кога за прв пат започнува организираното производство и продажба на вино во Македонија.

1914: Појавата на болеста филоксера речиси целосно ги уништува автентичните сорти грозје како: жилавка, станушина, мустеник, пловдина, белерче, сивјак... нанесувајќи му удар на лозарството во поширокиот регион. Но, тиквешките лозари и винари се обединуваат и ги носат американските хибридни сорти грозје, за лозарството и винарството во Тиквешијата повторно да блесне.

1930-1940: Период кога производството на вино во Тиквешкиот регион добива на интензитет. „Тиквеш“ станува препознатлив на Балканот и пошироко, а производи од тиквешкиот вински регион се продаваат во Србија, Албанија, Северна Грција, Турција, Египет и на други меридијани.

1946-1948: Државата донесува Закон за национализација на приватната сопственост. Со цел да го окрупни производството на грозје, вино и ракија, државата формира претпријатие во кое влегуваат сите национализирани имоти, лозови насади и винските подруми на познати лозарски семејства: Аџилазови, Велкови, В’чкови, Грозаданови, Данови и други. Природно, ова државно винско претпријатие го добива името „Тиквеш“. Потоа почнува и изградбата на современа винарска визба со многукратно зголемен капацитет.

1952-1969: Државното претпријатие „Тиквеш“ поминува низ бројни организациски и интеграциски процеси. Со припојување на неколку помали земјоделски стопанства, создаден е агрокомбинатот „Тиквеш“. Винскиот подрум кој се наоѓа во негов состав станува најголемата винарска визба во Југоисточна Европа.

1956: Формирана е винска архива на „Тиквеш“, како хроничар за одличните берби. За нив сведочат илјадниците стари шишиња вино кои грижливо се складирани во оваа специјална просторија во винскиот подрум во Кавадарци. Винската архива е создадена на иницијатива на Јосип Броз Тито кој по посетата на „Тиквеш“ бил убеден дека винарницата треба да чува стари вина од најдобрите берби, по примерот на најпознатите светски производители.

1973: Создадено е виното „Т’га за југ“ во чест на манифестација „Струшки вечери на поезијата“ која секоја година ги собира најпознатите поети од целиот свет. Токму при една од посетите на поетите на винарницата, тие предложиле виното направено во нивна чест да се вика токму „Т’га за југ“, според истоимената поема на познатиот македонски поет Константин Миладинов. Заради префинетиот вкус кој се негува со години и автентичната приказна која буди емоции и асоцијации поврзани со топлината и убавината на Македонија, освен на домашниот пазар, ова вино станува особено популарно и во земјите од поширокиот регион.

1978: По повеќекратни зголемувања на капацитетите за сместување и одлежување на виното, изграден е и пуштен во употреба новиот централен погон за флаширање со автоматска линија за полнење со капацитет од 6000 шишиња на час.

1980-1990: Во овој период стратегијата на „Тиквеш“ била насочена кон „рушење рекорди“ во сите сегменти од производството. Во тој поглед, карактеристична е 1984 година, кога заради одлуката да се откупи целокупниот род на грозје од тиквешкиот регион, винарницата морала да го користи и градскиот базен во Кавадарци за привремено складирање на грозјето. Во овој период, „Тиквеш“ значително го зголемува своето производствено портфолио. Лансирана е новата серија вина „Александрија“ која веднаш наидува на добар прием кај потрошувачите. Вината на „Тиквеш“, за својот квалитет, добиваат голем број награди и признанија на сите значајни регионални и светски саемски манифестации и вински натпревари. Истовремено, зголемениот квантитетот во производството на грозје барал од винарницата да ги зголеми количините за производство на вино, кое покрај во шишиња, се пласирало и како наливно, особено на пазарните во земјите од некогашна Југославија, но и на странските пазари. Но, заради турбуленциите кои настанаа со распадот на тогашната федерација и длабоките општествени и економски промени што следуваа, „Тиквеш“ мораше да бара нови начини како да се прилагоди за да може да продолжи со развојот.

2003: Инвестициската група „М6“ ја купува винарската визба „Тиквеш“ и започнува со реализација на обемен инвестициски циклус за целосна модернизација на винарницата. Особено внимание се посветува на унапредување на процесот на производство во целина, од одгледувањето на грозјето, бербата, па сè до добивањето на финалниот производ. Целокупната развојна стратегија се насочува кон зголемување на квалитетот на виното. Почнува да се инвестира во проширување на производственото портфолио со воведување на нови серии вина како Special Selection и Александрија куве, а дотогаш добро познатите и широко прифатени вина на ВВ „Тиквеш“ стануваат дел од серијата „Класик“.

2008: Обемните инвестиции во ВВ „Тиквеш“ вродуваат со плод и добиваат широка меѓународна верификација. На „Wine Innovation Forum“ во Париз, брендот „Тиквеш“ е прогласен за еден од 30-те најиновативни вински брендови во светот.

2010: Лансирани се новите серии „тероар“ вина „Бела вода“ и „Барово“, произведени од сопствени строго контролирани лозови насади. Овие вина се именувани според микрорегионите каде се лоцирани лозовите насади и кои по своите карактеристики, во поглед на климатските услови и почвата, овозможуваат одлични услови за одгледување винова лоза и производство на врвни вина. На овие вина стои потписот на светски познатиот енолог и вински консултант Филип Камби, кој со своето знаење и огромно искуството, му помага на „Тиквеш“ во постојаното усовршување на виното и создавање на нови софистицирани вина и блендови.

2011: Еден од најпознатите светски вински критичар Роберт Паркер (Robert M. Parker) го оцени со 94 поени виното „Бела Вода“, берба 2010-та. Со ваквата исклучително висока оценка, Паркер го сврсти ова црвено „тероар” вино на ВВ „Тиквеш“ меѓу најквалитетните и најценетите вина во светот. „Бела Вода“ 2010 е првото вино од Македонија и регионот кое дотогаш било оценето од вински критичар со светско реноме. Во 2014-та година Паркер ги повтори високите оценки за вината „Бела вода“ од три последователни берби, а дополнително високо беа оценети и вината „Барово“.

2014: ВВ „Тиквеш“ отвора ново поглавје во својот развој. Лансирано е првото вино од ексклузивната серија произведена во новата, мала (бутик) винарница „Домен Лепово“. Целокупниот процес за производство на овие ексклузивни вина се одвива на истиот посед каде што се наоѓаат лозјата, кој со сите свои карактеристики е идеален за одгледување грозје и производство на префинето вино со извонреден квалитет.

2015: На најпознатите светски вински натпревари, вината на винарската визба „Тиквеш“ освојуваат 50-тина награди, признанија и високи оценки од светски познати критичари. Со тоа ВВ „Тиквеш“ го потврдува епитетот најнаградувана винарница во земјава, но и пошироко во регионот.