Историја

Уште од времињата на Римската Империја е запишано дека во Македонија се создава традицијата на производство на чудесно моќните вина со мирис на југот, вкусот на песната и насмевките на Македонците. А, Винарската визба „Тиквеш“ е еден од најзначајните творци на таа традиција. Овде, повеќе од 125 години, небото, земјата, сонцето и лозјата од југот на Европа, секој со свој удел во создавањето, стануваат дел од приказната за вината на „Тиквеш“. Во винарницата „Тиквеш“ се создава и созрева врвното вино од Македонија… уште од 1885 година.

1885: Пано Велков, трговец, благородник и земјопоседник, го остварува својот сон и во Македонија ја основа Винарската визба „Тиквеш“ на 1.200 квадратни метри. Ова е период во кој Отоманската Империја ја губи својата моќ, а светот е во виорот на интензивни промени.

1912: Произведено е првото вино со етикета на „Тиквеш“. Синот на Пано Велков, Александар, целосно ја наследува сопственоста над лозјата и визбата. Во ова време „Тиквеш“ остварува соработка со грчкиот производител на вино и жестоки пијалаци „Метакса“ и добива лиценца за производство на жестоки пијалаци под нивно име.

1914: Појавата на болеста филоксера речиси целосно ја уништува македонската лозарска традиција и автентичните сорти грозје како жилавка, станушина, мустеник, пловдина, белерче, сивјак. Лозарите од регионот се обединуваат и ги носат американските хибридни сорти грозје, за „Тиквеш“ повторно да блесне.

1938: Раководењето во фирмата го преземаат синовите на Александар, Пано и Стефан. Тие го зголемуваат производството на вино и жестоки пијалаци и почнуваат со производство на безалкохолни пијалаци. „Тиквеш“ станува позната компанија на Балканот, а нејзините производи се продаваат во Србија, Албанија, Северна Грција, Турција и во Египет.

1946: Државата донесува Закон за национализација на приватната сопственост. Александар Велков доброволно ги предава клучевите од визбата со единствено барање: новите сопственици да ги вработат неговите синови, бидејќи тие го имаат знаењето и искуството од работата со вино. Државата го исполнува ова барање. „Тиквеш“ станува државно претпријатие. Потоа почнува градбата на визбата на поинаква локација.

1968: Создаден е Агрокомбинатот „Тиквеш“ со припојување на неколку помали земјоделски кооперативи. „Тиквеш“ станува најголемата винарска визба во Југоисточна Европа.

1973: Создадено е виното „Т’га за југ“ во чест на Струшките вечери на поезијата. Со тоа „ѕвездата е родена“.

2003: Групацијата „М6“ ја купува Винарската визба „Тиквеш“ и почнува со инвестиции и подобрување на производствената опрема. Особено внимание се посветува на унапредување на процесот на производство во целина, од одгледувањето на грозјето, бербата, па сè до добивањето на финалниот производ.

2008: На „Wine Innovation Forum“ во Париз, ВВ „Тиквеш“ е прогласен за еден од 30-те најиновативни вински брендови во светот.