Етички профил

Да се биде дел од елитното друштво на „Wine Innovation Forum“ е повеќе од само привилегија, тоа подразбира огромна одговорност. Почитувајќи го принципот на „Етички пристап кон виното“, ВВ „Тиквеш“ се обврза кон почитување на обврските на одговорните брендови чија цел е да се создаде додадена вредност која ќе се пренесе долж низата на винската индустрија притоа земајќи ги предвид пошироките општествени потреби.

Етичкото однесување за нас значи одговорност и фер однос кон сите чинители во винската индустрија, но и грижа за одржливиот развој кој подразбира почитување на највисоките стандарди во сите сегменти од работењето.

Одговорност

Цврсто веруваме дека секој одговорен бренд мора да ги препознае потребите на вработените, партнерите, потрошувачите и на сите оние кои на каков било начин се во допир со тој бренд. Нивните потреби се интегрален дел на сите наши активности. Водиме сметка нашите вработени да имаат најдобри услови за работа грижејќи се за нивната безбедност и здравје. Лозарите ја добиваат неопходната поддршка и совети со цел да произведат грозје со највисок квалитет што за нив значи додадена вредност и поголема валоризација на нивниот и трудот на нивните семејства. Се грижиме потрошувачите да бидат информирани за штетното влијание на прекумерната употреба на алкохол и активно ги застапуваме умерената консумација и одговорното уживање во алкохолните пијалаци. Нашите стратегии за маркетинг, рекламите и целокупната деловна комуникација се водат според етички принципи и ги содржат пораките за одговорно консумирање алкохол. Тоа воедно е и носечкиот принцип на кој се темели нашата долгорочна определба за унапредување на винската култура која ја остваруваме, меѓу другото, и преку програмата за едукација на партнерите, соработниците и потрошувачите.

Одржливост

Нашиот развој го темелиме на принципот на одржливост, и тоа не само на ниво на компанија, туку на пошироко општествено ниво. Сите лозови насади во сопственост на ВВ „Тиквеш“ и најголемиот дел од лозовите насади на нашите кооперанти го поседуваат сертификатот „Global GAP“ за одржлив раст, заштита на околината, грижа за чиста вода и воздух, заштита на околната флора и фауна, грижа за отпадните материи кои може да ѝ наштетат на околината. Посветено работиме на намалување на потрошувачката на енергија и вода, а наш приоритет е употребата на обновлива енергија. Со цел да се редуцира емисијата на „стакленички“ гасови во атмосферата (т.н. „карбонски отпечаток“), насочени сме кон употреба на полесни шишиња за сите свои вина, употреба на потенок картон без прегради и употреба на навојни затворачи секогаш кога тоа е возможно. ВВ „Тиквеш“ е еден од основачите на македонската асоцијација на производители за собирање отпад од амбалажа (кутии, стакло, PVC).

Дополнителна потврда за нашата грижа за животната средина и одржливиот развој е поседувањето на највисоките меѓународни стандарди од оваа област како ISO 14001.